RE Village доби нов трејлер, три демо верзии и нов мод

Resident Evil Village

Во последната презентација на Resident Evil Village, покрај новиот трејлер, најавени се дури три демо верзии за оваа игра, а откриен е и уште еден, дополнителен мод за играта.

Синоќа се одржа уште еден Resident Evil Showcase во рамките на кој добивме нов трејлер за Resident Evil Village и некои други игри. Сепак, една од најважните информации секако е таа дека играта ќе добие три демо верзии. Како што е веќе познато, RE Village уште пред два месеци доби ексклузивен демо за PS5 конзолата, наречен Maiden. Тоа демо и понатаму ќе остане ексклузивен за PS5, но наскоро ќе добиеме шанса играта да ја испробаме и на останатите платформи.

PlayStation ќе има предност

Повторно предност ќе имаат сопствениците на PlayStation конзолите, кои ќе можат да ја заиграат новата демо верзија од 18 и 25 април. Конкретно на PS5 и PS4 од 18 април во 19 часот ќе може да се заигра демо верзијата која се одвива во село. Ќе можат да се играат вкупно 30 минути, а демото ќе биде достапно на само осум часа – односно до 19 април до три часот наутро.

Потоа, исто така на PS5 и PS4 од 25 април во 19 часот пристигнува втората демо верзија која се одвива во дворецот. И таа ќе може да се игра максимално половина час, а демото ќе може да се преземе до 26 април во три наутро. Треба да се напомене дека опцијата за порано симнување на демо верзијата е отворена, така што веќе денес можете да почнувате со симнување ако имате нешто послаба интернет врска, а сакате во дозволениот рок да ја заиграте играта.

На крајот, двете демо верзии ќе бидат достапни уште еднаш на PS4 и PS5 конзолите, но и на PC и на Xbox One и Xbox Series X/S од 2 мај во два наутро на цели 24 часа. Ќе може да се игра вкупно 60 минути, а ќе ги вклучува секциите во селото и дворецот.

Mercenaries се враќа

Втората значителна работа која Capcom ја откри за RE Village е дополнителниот момд The Mercenaries. Модот кој дебитираше во оригиналниот Nemesis и подоцна беше мошне популарен во четвртиот и петтиот дел ќе се врати во Village во склоп на самата игра. На овој мод ќе може да се пристапи кога ќе се заврши главната кампања, а форматот е познат – се решаваат временски ограничени мисии и се заработуваат пари за подобри оружја и надоградувања.

Новост кога станува збор за Mercenaries е тоа што ќе можат да се активираат до три посебни вештини, како брзо движење, посилна одбрана и слично. Mercenaries е замислен како мод за играчи кои бараат предизвик од Resident Evil, односно како мод кој ќе ги задржи играчите со играта повеќе часови.

Нов трејлер

Кога станува збор за новиот трејлер, можеме слободно да кажеме дека е најдобриот досега, со оглед на тоа дека ни дава поконкретен приказ на самата игра, како и некои ликови (вклучително и Chris Redfield, чија улога овој пат и понатаму е обвиена со доза на мистерија).

Резолуција и „фрејмрејт“

За крај, откриено е и како играта ќе се изведува во финалната верзија на конзолите. Демо верзијата за PS5 нема да биде мерило, бидејќи Capcom сега наведува дека next-gen верзијата со raytracing ефекти ќе оди во 45 fps при 4К резолуција – тоа важи за PS5 и XSX. Со исклучени raytracing ефекти играта би требало да држи 4К и 60 fps.

Кога станува збор за Xbox Series S конзолата, од истата се очекува 1440p и 45 fps без raytracing, а 30 fps со raytracing. PlayStation 4 Pro и Xbox One X ќе имаат два мода на изведби – еден за резолуција и втор за подобар „фрејмрејт“. Ќе може да се игра или во 1080p 60 fps или во 4К и 30 fps. На основните верзии на PlayStation 4 и Xbox One конзолите ќе може да се игра единствено во 900p резолуција при 30 fps, без опции за играње во HDR.