Riot Games донесе одлука, LoL Worlds втора година по ред во Кина

Worlds

Riot Games официјално најави дека најголемиот и најисчекуваниот League of Legends турнир во годината, Worlds Championship, во 2021 година ќе се одржи во кинескиот град Шенжен.

Познато е дека Riot сака секоја година да го сели LoL Worlds во различни градови и држави. Меѓутоа, имајќи ја предвид актуелната Ковид-19 пандемија, целата интернационална League of Legends еспорт сцена втора година по ред ќе го посети азискиот континент, поточно Кина. Но, ако е барем некаква утеха, годинешното издание ќе се одржи во друг град, поточно во Шенжен.

Финалето на претходниот Worlds шампионат се одржа во Шангај со стриктно пропишани безбедносни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот и со ограничено присуство на публика. Остатокот од натпреварувањето се играше без присуство на навивачи.

Форматот на турнирот во нормални услови е конципиран како „турнеа“ низ целата држава. Така, во 2017 година играчите минаа низ Вухан, Гвангжу и Шангај, додека големото финале се одржа во Пекинг. Од Riot истакнуваат дека се надеваат дека во следната сезона ќе успеат да го вратат овој формат, во границите на глобалната епидемиолошка ситуација. Доколку таков биде случајот, се уште не е познато кои градови ќе ги избере Riot.

LoL Worlds

Интересно, ако се следи историјата на League of Legends еспорт сцената, ова ќе биде третиот LoL Worlds шампионат кој ќе се одржи во Кина во последните четири години.