Riot подготвува нова ММО игра во светот на League of Legends

League of Legends

Потпретседателот на Riot Games, Грег Стрит, навести дека универзумот на League of Legends ќе добие своја MMORPG игра. Откако претходно излезе card game под името Legends of Runetarria, а беше најавена и LoL верзија за конзоли и мобилни телефони во иднина, додека во подготовка е и RPG играта под наслов Ruined King: A League of Legends Story, сега пристигнува уште еден новитет во светот на League of Legends, а тоа е MMORPG игра.

Грег Стрит преку Twitter откри дека има ново задолжение во Riot. Таа негова задача е да лансира нова масивна multiplayer игра која фановите на LoL ја бараат веќе со години. Подоцна тој потврди дека станува збор за игра од MMORPG жанрот. Иако ова не е официјална најава за играта, сепак ова е се што се знае во моментов. Споменатиот Грег Стрит инаку од 2008 до 2013 година беше главен дизајнер на составот во World of Warcraft. Toa значи дека има искуство со работење на MMO наслов од висока продукција. Со оглед на тоа колку проекти си наметнува Riot Games одеднаш, веројатноста е дека овој MMORPG нема да можеме да го играме барем уште две години. Секако, освен ако не лансираат некоја бета верзија.

Riot, со исклучок на Covid-19 пандемијата, зад себе има прилично одлична година. Компанијата влезе во светот на tactical shooter игрите со Valorant, а сега им преостанува во целост да се насочат кон новата игра која ја посакуваат речиси сите LoL фанови. Дека работата е сериозна со MMORPG насловот, доказ е и тоа дека веќе се бараат нови вработени за проектот.