Riot ги лансира Ignition Series – првите еспорт турнири за Valorant

Ignition Series

Riot Games во соработка со 20 еспорт организации започна со подготвување на специјални Valorant турнири кои ќе бидат дел од новите Ignition Series. Интересно е тоа што секој организатор ќе подготвува свој Ignition Series турнир со сопствен систем на квалификации. На турнирите ќе има место како за професионалците, така и за популарните стримери, но и аматерите кои се најдоа на Valorant сцената од самиот почеток.

Според Riot, овој концепт ќе им даде подеднаква шанса на играчите да започнат со градење на своите кариери и да ги покажат своите квалитети и вредности пред голема публика. Првиот дел од Ignition Series ќе се одигра на 19 јуни со G2 Invitational турнирот во организација на Riot и Red Bull Gaming. Овој турнир ќе има 15.000 евра награден фонт за кој ќе се натпреваруваат осум екипи од 19 до 21 јуни. Истиот ден треба да започне и Rage Japan Invitational. Набргу потоа ќе бидат најавени турнирите за останатите региони, кои би имале сличен награден фонд. Засега е познато дека една недела по првиот турнир ќе се одржи уште еден на европско тло, заедно со турнир во Северна Америка, но деталите допрва треба да бидат објавени.

Турнири отворени за сите

Турнирите од овој серијал ќе се играат секоја недела и во центарот на вниманието ќе бидат одреден број турнири кои ќе овозможат пронаоѓање на талентирани играчи за најдобрите Valorant тимови.

„Во оваа рана фаза, важно е за еспорт сцената да расте природно на начин на кој автентично ќе развива таленти, играчи и ѕвезди“, стои во соопштението на Вален Magus Розел, директорот на Global Esports за Valorant.

И додека ова е само првиот чекор во Valorant Ignition Series, јасно е дека ова е навистина голем проект на Riot Games. Во соопштението тие истакнуваат дека склучиле партнерство со 20 организатори на турнири ширум светот, а натпреварувањата ќе вклучуваат различни типови на турнири преку show matches, до invitationals, па дури и такви со отворени квалификации, како што напоменавме погоре.

За време на затворената бета верзија и првите недели од лансирањето бевме сведоци на многу големи турнири, но сега кога Riot официјално застанува и организира серија на настани, ќе можеме да видиме како ќе изгледа врвната Valorant сцена за неколку месеци. Valorant Ignition Series се очекува да трае најмалку до есен, но би можело да продолжи, зависно од тоа каква ќе биде одлуката на Riot. Она што засега е сигурно е дека ќе имаме шанса да гледаме голем број на Valorant еспорт турнири.