Rockstar и официјално ја најави Grand Theft Auto: The Trilogy

Grand Theft Auto: The Trilogy - The Definitive Edition

Grand Theft Auto: The Trilogy – The Definitive Edition е реалност! Ремастерот на трите GTA игри пристигнува до крајот на оваа година и носи графички подобрувања и ред други модернизации за сите три игри во пакетот.

По бројните шпекулации, конечно дојде и денот за официјална потврда – Grand Theft Auto: The Trilogy – The Definitive Edition е реалност и пристигнува на PC, PS4, PS5, Switch, Xbox One и Xbox Series X/S уште оваа година. Точниот датум на излегување се уште не е познат, но знаеме дека во првата половина од следната година ќе излезе и за iOS и Android мобилните платформи.

Оваа ремастер трилогија ќе ги содржи GTA 3, GTA: Vice City и GTA: San Andreas, а секоја игра во пакетот ќе биде модернизирана и подобрена. Rockstar не сподели детали околу овие модернизации, наведувајќи само „графички подобрувања и модернизација на гејмплејот за сите три наслови“. Поконкретно инфо за тоа какви точн подобрувања можеме да очекуваме ветија дека ќе споделат нешто подоцна.

Веќе од оваа недела Rockstar ќе започне да ги отстранува актуелните верзии на овие игри од дигиталните продавници, бидејќи сака да ги замени со овие подобрените. Тоа секако не значи дека ќе загубите пристап на тие верзии ако веќе сте ги купиле од претходно.

Оваа најава се поклопува со прославата на 20-годишнината од излегувањето на легендарната GTA 3, играта која го воведе GTA серијалот во тродимензионалното опкркужување и ги удри темелите за остатокот од франшизата, но и други open-world игри.