Се појави трејлерот за Call of Duty: Warzone Season 3

Warzone Season

На помалку од една недела пред крајот на Call of Duty: Warzone Season 2, на интернет (кратко потоа видеото го објави и Treyarch) се појави нешто што наликува на трејлер за престојната трета сезона на популарниот battle royale. Конкретно, станува збор за завршен, односно „одјавен“ трејлер за втората сезона, со што се најавува престојното, трето издание.

Со ова видео се чини дека уште еднаш се потврдува она што сите го претпоставувавме веќе некое време. Конкретно, Call of Duty: Warzone Season 3 ќе ја замени актелната Verdansk мапа со верзија поставена во 80-тите години. Ова е во согласност со претходно „ликнатите“ фотографии кои потврдија дека следната сезона на battle royale играта ќе биде поблиска со Call of Duty: Black Ops Cold War.

Според претходните „протекувања“, голем дел од обележјата на Verdansk ќе минат низ изненадувачки и драстични промени. На пример, стадионот се уште ќе биде во изградба. Во меѓувреме ќе можеме да очекуваме и многу нови додатоци и изненадувања, вклучително и морничавиот рудник и масивниот Duga радар.

А што ќе се случи со Verdansk каков што го знаеме? Веројатно сте свесни дека Activision и Raven Software веќе некое време најавуваат настан со кој ќе се стави крај на мапата. Всушност, неодамнешното тизер видео потврди дека овој кинематски настан ќе се случи за само неколку дена (21 април) и сега е речис сигурно дека ќе заврши „експлозивно“.

Уште од почетокот на Warzone Season 2, зомбињата полека почнаа да ја преземаат мапата, а според „ликнатите“ информации, најдобриот начин да се стави крај на тоа е да се фрли нуклеарка врз Verdansk. „Крајот пристигнува“, гласеше твитот кој официјалниот Twitter профил на Call of Duty го објави неодамна.