Сѐ што знаеме за Resident Evil Village во моментов

Resident Evil Village

Подгответе се добро, бидејќи Resident Evil се враќа назад во first person, исполнет со пресврти и страшни биолошки мутирани непријатели. Првиот застрашувачки трејлер за Resident Evil 8: Village беше претставен на Sony PlayStation 5 настанот на 11 јуни годинава. Ова е осмата игра во серијалот, но бројката не е вклучена во официјалниот наслов, што привлекува поголемо внимание за мистериозната поставеност на играта (се уште може да се забележат нумеричките VIII обележани во логото).

Capcom комбинира елементи од претходните Resident Evil наслови за да ја создаде оваа next-gen игра, која дефинитивно изгледа чудно, мистериозно, застрашувачки и што ли уште не. И додека Capcom да се одлучи да ни даде нешто повеќе информации, во меѓувреме ќе се обидеме да ви го пренесеме она што го знаеме.

Како за почеток, судејќи според изјавите на продуцентите на Capcom, Цујоши Канде и Пит Фабијано, Resident Evil Village би требало да ја заклучи приказната на главниот протагонист од седмото продолжение, Ethan Winters. Во интервјуто кое продуцентите го дадоа за Kotaku, Resident Evil 8: Village би требало да послужи како дефинитивен епилог на приказната за Ethan, но од Capcom не открија некои поконкретни информации за оваа посебна врска меѓу Ethan и неговата сопруга Mia.

Исто така, познато е дека со новата игра се очекува враќање на уште неколку (за овој серијал) класични елементи, како што се загатките и inventory management. Со оглед на тоа дека next-gen платформите овозможуваат поимерзивно играчко искуство без вчитување, можно е пристапот да биде во реално време.

Што се случува во играта?

Како што налага и самото име, Resident Evil Village и дејството на игра се сместени на село. Готско, снежно местенце со ѕверови, предавства и луѓе кои се обидуваат да преживеат. Во трејлерот е прикажан и еден огромен имот кој не навраќа на Spencer Mansion од првиот Resident Evil. Осмото продолжение се случува неколку години по Resident Evil 7: Biohazard и, како што напоменавме, се осврнува на Ethan и Mia Winters откако ќе избегаат од плантажата и лудото Baker семејство. Се уште не е јасно зошто, но Chris Redfield, карактерот од првиот Resident Evil кој стана симбол на серијалот, зазема антагонистичка улога и одлучува да ги малтретира и да го наруши среќниот живот на Ethan и Mia, што дефинитивно е огромна карактерна промена во самата игра.

Resident Evil Village е first-person survival хорор игра која по се изгледа ќе има слична игривост како Resident Evil 7: Biohazard, со поголем фокус на акционите елементи. Ethan Winters е еден од најмалку тренираните протагонисти во серијалот, па изгледа ќе морате да бидете паметни и внимателни за да се снајдете во проколнатото село. Непријатели има многу, покрај Chris Redfield кој по се изгледа не се труди да ви биде пријател во играта, тука се и еден вид на полу-луѓе полу-волци (не, не се врколаци), тука е и бандата на викторијански вампирки, но и ред други суштества кои ќе се обидат да ви наштетат во текот на играта.

Кога ќе се појави во продажба?

Resident Evil 8: Village во моментов е во развој за PS5, Xbox Series X и PC. Претходно неофицијалните информации, кои воглавно ги откриваше познатиот инсајдер Dusk Golem (а кои беа точни), играта е во развој веќе три и пол години и во моментов е на некои 60 проценти комплетираност. Ако се земе предвид фактот дека веќе сме навлезени во втората половина од годината и претходните шпекулации говореа дека играта во продажба би можела да се најде во првиот квартал од следната година, постои реална шанса Capcom поради актуелните проблеми поради пандемијата на короанвирусот да ја одложи играта за вториот квартал, па дури и подоцна. Во секој случај, нови информации за играта најверојатно ќе дознаеме во текот на идниот месец.

Resident Evil Village