Шефот на Xbox јавно го пофали DualSense контролерот на PS5

Xbox DualSense

Фил Спенсер, извршниот потпретседател за гејминг во Microsoft, односно шеф на Xbox, ја пофали иновацијата која се наоѓа во DualSense контролерот на PlayStation 5 и го спореди со некои други револуционерни моменти во индустријата.

DualSense контролерот пристигнува со низа новитети, а благодарение на поголемите димензии и простор во внатрешноста, инженерите на Sony успеаја во него да инсталираат неколку нови системи кои се навистина кул. За почеток, тука се адаптивните тригери кои реплицираат „отпор“ на акцијата која се одвива во играта со што се зајакнува чувството на реалност.

Хаптичкиот фидбек е втората карактеристика која предизвикува воодушевување, со оглед на тоа дека може да го рекреира чувството на дожд кој паѓа врз самиот карактер во играта. Како и да е, навистина е фантастичен новиот DualSense, а шефот на Xbox, Фил Спенсер, се согласува со тоа.

„Аплаудирам на она што го направија со контролерот, не само поради спецификациите, туку и многу повеќе. Мислам дека сите ние во индустријата, треба да учиме едни од други и иновиациите кон кои се стремиме, без оглед дали станува збор за дистрибуцијата на бизнис моделот како Game Pass, или технологијата на контролерите, или како со Wii што беше некогаш, што очигледно имаше удел врз нас, по што ние го направивме Kinect, а Sony го направи Move“.

Тој исто така додаде дека овие технолошки револуции се охрабрувачки, но важно е да се има на ум дали овие ќе „станат чест дел на платформата која девелоперите и играчите ќе ја бараат“ или „специфично сценарио или специфичен дел од хардверот“.