Најважните најави за нови игри од последниот PlayStation State of Play

State of Play

Една недела по последниот Nintendo Direct, PlayStation State of Play ни дава увид за големиот број наслови за кои веќе знаевме од минатогодишниот PS5 Showcase, но открива и неколку новитети.

Во прилог ви ги носиме најважните информации кои PlayStation ги сподели од февруарскиот State of Play.

Crash Bandicoot 4: It’s About Time

Добивме мал увид во PS5 верзијата на Crash Bandicoot 4: It’s About Time, кој се карактеризира со 4K визуелизација до 60 fps, минимален loading, компатибилност за адаптивни контроли и засилено 3D аудио. Crash Bandicoot 4: It’s About Time пристигнува на PS5 на 12 март.

Returnal

На овој State of Play имавме шанса да го видиме гејмплејот на Returnal, вселенскиот еп каде што секоја смрт го обликува светот околу вас додека ја истражувате мистеријата со Selene. Returnal треба да пристигне на 30 април.

Knockout City

Екстремниот доџбол станува уште поекстремен во Knockout City, со мал увид во новата Back Alley Brawl арена со специјалната снајперска топка која беше откриена за време на State of Play настанот. Knockout City пристигнува на 31 март, но заинтересираните играчи можат да заиграат early cross-play на официјалниот сајт на играта.

Sifu

Дебито на оваа игра со боречки вештини прикажа неколку интересни битки меѓу различни типови на непријатели на различни локации. Ништо повеќе од ова не е прикажано, но за фановите на олд-скул боречките вештини се чини дека ќе биде полн погодок. Sifu се очекува да пристигне подоцна оваа година.

Solar Ash

Апдејт за Solar Ash беше објавен за време на настанот, прикажувајќи го гејмплејот за 3D акцискиот платформер кој се фокусира на „брзината, движењето и флуидноста“. Solar Ash пристигнува за PS4 и PS5 подоцна оваа година.

Five Nights At Freddy’s: Security Breach

Повторно дојде време да се побегне од кошмарите, со тоа што гејмплејот за Five Nights at Freddy’s: Security Breach беше прикажан за време на State of Play. Five Nights at Freddy’s: Security Breach се очекува да пристигне нешто подоцна оваа година.

Kena: Bridge Of Spirits

Синематиксот и гејмплејот од Kena: Bridge of Spirits беше прикажан за време на State of Play. Во најголем дел го видовме она што беше прикажано на минатогодишниот PS5 Showcase. Еден од најисчекуваните PS5 наслови продолжува да импресионира во пресрет на дебито на 24 август.

Deathloop

Deathloop е уште еден од најисчекуваните PS5 наслови, а сега беше прикажан најголемиот дел од FPS акцијата и неверојатните визуелни решенија. Датумот на издавање се уште останува непознаница за оваа игра.

Final Fantasy VII Remake: Intergrade

Неверојатниот успех на минатогодишниот Final Fantasy VII Remake наскоро ќе пристигне на PS5, карактеризирајќи се со сосема нова епизода која ќе ви овозможи да играте како нинџата Yuffie Kisaragi и да се инфилтрирате во Shinra Corporation со цел да украдете моќна материја. Final Fantasy VII: Intergrade ќе пристигне на 10 јуни за PS5.