Sony бара начин да им овозможи на PS5 гејмерите да чуваат игри на USB

Sony PS5

Sony во моментов бара начини да им овозможи на корисниците на PlayStation 5 да ги преместат своите next-gen игри од SSD-то на конзолата на USB драјв. Навистина голема прашина се крена кога голем број медиуми кои направија рецензија на престојната конзола на Sony посочија дека во моментов нема начин како PS5 игрите да се преместат на екстерен хард диск.

Во моментов, можете да ги движите вашите PS4 игри од SSD и екстерен HDD, но PS5 игрите ќе мораат да си останат таму каде што се. Со оглед на тоа дека претходно беше потврдено дека проширувањето на капацитетот нема да биде достапно за конзолата до некое време по лансирањето, единствениот начин како да направите поголем простор на вашиот PS5 некое време е да ги бришете игрите и повторно да ги симнете по извесен период, што е далеку од идеално.

Добрите вести се тоа дека Sony сега реагираше за овие проблеми. Потврдено е дека компанијата „истражува“ некој иден апдејт кој ќе им овозможи на PS5 игрите да бидат чувани на USB драјв. Сепак, исто така се посочува дека нема да можат да се „бутираат“ игрите директно од овој екстерен диск и ќе морате да ги префрлате игрите кои планирате да ги играте назад на SSD за да можете да ги вклучите.

„Не, играчите не можат да ги префрлаат PS5 игрите на USB драјв. PS5 игрите мораат да бидат зачувани на внатрешниот SSD на конзолата за да се игра. Во моментов има истражувања за да им се овозможи на играчите да чуваат (но не и да играат) PS5 игри на USB со некој понатамошен апдејт“.

Од Sony додаваат дека ги охрабруваат PS5 играчите да ги пренесат PS4 игрите на конзолата преку USB драјв за да зачуваат место.