Sony има официјални „бело-златни“ DualSense контролери, ама нема шанси да ги добиете

Xbox DualSense

Изгледа дека Sony навистина има официјални PlayStation 5 DualSense контролери кои доаѓаат во некоја друга боја освен стандардната. Само, проблемот е што тие не се за секого…

Sony има ексклузивни DualSense контролери, но тие се толку ексклузивни, што речиси никој не може да ги има, барем засега. Освен ако не сте вработен во PlayStation. Имено, компанијата има произведено неколку бело-златни контролери кои се далеку поатрактивни од актуелните. Меѓутоа, финтата е во тоа што за да добиете ваков контролер треба да сте дел од PlayStation 5 развојнио тим.

Продукт дизајн менаџерот на PlayStation, Џои Ребит, неодамна се пофали со својот луксузен контролер во пост на LinkedIn. Ребит бил водечкиот дизајнер на новата PS5 апликација, па затоа и си добил вакво специјално парче. Контролерот се одликува со златна облога на местото каде што сите други имаат црна, а на едната рачка е изгравирано „PS5 Launch Team“. Оттаму се претпоставува и дека секој кој бил дел од лансирањето на конзолата си добил ваков контролер, што го прави исклучително редок и подеднакво пожелен.

Добрата вест во целава ситуација е тоа што контролерот е очигледно подложен на лесна персонализација, па ова е можеби и еден вид најава дека PlayStation во блиска иднина би можел да го понуди контролерот во различни бои. Лошата вест е што бело-златната комбинација веројатно никогаш нема да биде лансирана во јавноста. Едноставно, бидејќи овие контролери кои се дадени како подарок на launch тимот на PS5 нема да бидат толку посебни.

DualSense контролерот го воодушеви светот уште откако беше најавен, а со пристигнувањето на конзолата, гејмерите можеа да се уверат во неговите next-gen карактеристики. Но, единствен проблем останува тоа што Sony засега го нуди во една комбинација, иако има компании кои на своја рака преземаат ризик и си лансираат свои верзии.