Sony објави кои се најпопуларните игри на PS Plus на сите времиња

PS Plus

PlayStation Plus низ времето се покажа како масивно успешна иницијатива за компанијата. Како што e веќе познато, претплатниот сервис на Sony следниот месец ќе го прослави својот јубилеен 10-ти роденден, поради што ќе ги почасти своите претплатници со неколку одлични награди. Тоа значи една дополнителна игра и ексклузивна PS4 тема, кои ќе бидат достапни заедно со NBA 2k20, Erica и Rise of the Tomb Raider за следните 30 дена. Можеби не е најдобрата селекција на игри, споредено со некои претходни месеци. Но, кога сме веќе на оваа тема, не би било лошо да се направи рекапитулација на најпопуларните игри кои се објавувани бесплатно од страна на PS Plus.

PlayStation Plus во изминатите 10 години во својата понуда имаше преку 1.000 наслови кои претплатниците можеа да ги симнат на своите конзоли и да ги играат засекогаш. Доколку некогаш сте се запрашале кои бесплатни игри се најмногу преземани и најпопуларни, во прилог ви следува токму таква листа. Имено, Sony по повод 10-годишнината на PS Plus, покрај потврдата на новите бесплатни игри за јули, одлучи да објави и листа од најпопуларните игри во изминатите 10 години.

Според нивните официјални податоци, играта која е најпреземана од PS Plus понудата е Call of Duty: Modern Warfare Remastered. На второто место во Топ 5 листата, изненадувачки се најде Sonic Forces, а меѓу првите пет место најде и уште една Call of Duty игра.

1. Call of Duty: Modern Warfare Remastered (март 2019)
2. Sonic Forces (март 2020)
3. Shadow of the Colossus (март 2020)
4. Call of Duty: Black Ops 3 (јуни 2018)
5. Destiny 2 (септември 2018)

Повеќето од овие игри се понови изданија, што е и реално за очекување поради фактот што во моментов Sony го има најголемиот број на претплатници – дури 41,5 милиони.

Покрај оваа листа, објавен е и Топ 5 ранкингот на најиграните multiplayer игри. На врвот, очекувано, се најде Grand Theft Auto 5, како и два Black Ops наслови и Destiny, додека на второто место е Tom Clancy’s Rainbow Six: Siege.

1. Grand Theft Auto 5
2. Tom Clancy’s Rainbow Six: Siege
3. Call of Duty: Black Ops 3
4. Destiny
5. Call of Duty: Black Ops 4