Sony пријавил патент со кој контролерите ќе ги замени со – банана?!

банана

Sony се обидува да експериментира со бизарна идеја со која класичниот и конвенционален контролер сака да го замени со банана!

Јапонскиот гигант минатата недела ја потврди следната генерација на PlayStation VR, а притоа беше најавено дека ќе користи и нов вид на контролер. Но, никој на светов не можеше да претпостави дека тој контролер ќе биде всушност обична банана.

Ако се суди според неодамнешната пријава на патент, Sony бара навистина неконвенционално решение за проблемот со цената на контролерите за играње игри. Како што велат, би било пожелно кога контролерот воопшто не би бил електронски уред, кога би бил достапен за сите, едноставен и со препознатлив облик дури и за оние кои не играат игри.

Во патентот на Sony се споменуваат секакви предмети, од чаши, па се до моливи. Идејата е играта да може да ги препознае тие објекти со помош на камери и да може да ги следи во просторот. Јасно е дека бананите и моливите немаат копчиња, но во Sony размислуваат за можни решенија. Едно од нив е мапирање на виртуелни копчиња на бананата, или било кој друг предмет. Тоа би одело така што со помош на камера во VR хедсетот ќе се лоцира местото на бананата каде што ќе ги поставиме виртуелните команди.

Секако, како и со сите патенти, ова на крајот на краиштата и воопшто не мора да значи дека бананите навистина ќе станат контролер за следната генерација на PlayStation VR. Претходните нацрти потврдуваат и поддршка за хаптичка вибрација и адаптивни контролери, но и сензор за палецот и останатите прсти, што значи дека контролерот би можел да има и технологија каква што користи скапиот Valve Index.