Assassin’s Creed и Far Cry добиваат free-to-play игри

Ubisoft

Ubisoft ги сподели своите најнови планови за некои од своите најпопуларни серијали на видео игри, а сега уште еднаш потврдија дека во иднина се повеќе од своите франшизи ќе ги користат и во форматот free-to-play игри.

Претходно оваа година од Ubisoft пристигна најава за нивната намера да се посветат на пазарите за мобилни игри, но и free-to-play наслови. Како што истакна финансискиот шеф на компанијата, Фредерик Дуге, лансирањето на 3-4 високо буџетни игри секоја година „веќе нема да биде вистинска индикација за вредностите на креативната динамика во Ubisoft“. Наместо тоа, француската компанија својата заработка ќе ја бара со помош на други проекти како што се мобилните игри и таканаречените „freemium“ модели, односно иницијално бесплатни игри со in-game наплати за дополнителна содржина.

Ubisoft

Прв низ оваа реформа ќе мине The Division серијалот кој ќе ја добие првата бесплатна Division игра, наречена The Division: Heartland, најавена уште минатата недела. По ова, ќе следат и другите најголеми франшизи на Ubisoft како Assassin’s Creed и Far Cry.

Високобуџетните ААА наслови и понатаму ќе се прават

Од Ubisoft пак порачуваат дека нивното посветување кон freemium модел на игри нема да ги замени високобуџетните проекти. Тоа значи дека Assassin’s Creed и Far Cry и понатаму ќе добиваат високобуџетни игри кои ќе се наплаќаат, но искуството од тие серијали ќе биде достапно и без иницијално плаќање. Како пример се наведува Call of Duty: Warzone, кој е бесплатен за игра, но содржајно не нуди баш се што Call of Duty серијалот го има во својата понуда.

AC Valhalla

„Нашата цел е да донесеме разнолика постава на игри кои играчите ќе ги сакаат и тоа на сите платформи. Возбудени сме што ќе инвестираме повеќе во free-to-play искуствата, но тоа не значи дека ќе ја намалиме нашата ААА понуда. Целта е да продолжиме да носиме премиум искуства до играчите како Far Cry 6, Rainbow Six Quarantine, Riders Republic и Skull and Bones, a истовремено да го прошируваме нашето free-to-play портфолио“, истакнаа од Ubisoft.