Valheim не престанува да воодушевува, постави нов рекорд

Valheim

Valheim играта на Coffee Stain Publishing, која е објавена во early access на 2 февруари, успеа да дојде до уште едно неверојатно достигнување. Според најновите информации, Valheim достигна одлична бројка од нешто над половина милион играчи истовремено во неделата (21 февруари) – со што стана само еден од малкуте наслови на Steam кои успеале во таков подвиг.

Доколку мислевте дека популарноста на survival играта Valheim ќе опадне многу брзо, бројките се тука да ве демантираат. Доказ за тоа е и фактот што Valheim во неделата бил трет наслов со најмногу активни играчи на Steam, а во еден момент имал повеќе играчи и од Dota 2 на второто место. Рекордот на крајот брои точно 502.387 играчи кои истовремено ја играле Valheim.

Со овој резултат, викиншката survival игра стана четвртиот наслов со најмногу активни играчи на Steam, откако постои оваа платформа. Со тоа, Valheim успеа да ги надмине GTA 5, Among Us, Fallout 4, Terraria и некои други наслови. Сето ова му успеа во еден викенд, три недели по лансирањето, со што го потврди епитетот на најбрзо растечка игра по бројот на активни играчи. До минатиот викенд инаку се продадени три милиони примероци на играта, што значи дека Valheim истовремено ја играле речиси 17 проценти од сите луѓе кои ја поседуваат оваа игра.

Ќе биде интересно да се види дали Valheim ќе може да напредува уште повеќе. Првите четири игри со најголем број на истовремени играчи забележаа милионски резултати, а насловот на Coffee Stain Publishing е само на половина пат до четвртото место, додека најголемиот рекорд, кој е во сопственост на PUBG, не е сменет веќе три години. PUBG постави рекорд со 3.257.248 истовремени играчи. На второто место е CS:GO со 1.308.963 играчи, Dota 2 најмногу успеала да собере 1.295.114 истовремени играчи, а Cyberpunk броеше до 1.054.388.