Valheim станува еспорт, викендов се одржува првиот PvP турнир

Valheim

Играта Valheim е огромен хит, пред се поради тоа што ви нуди голем број опции, почнувајќи од џиновски лизгалки од мраз за вашиот викиншки брод, па се до неверојатни тврдини. Дури можете да убивате и други играчи ако сакате, но играта сама по себе не е направена за PvP битки. Станува збор повеќе за PvE игра со фокус на истражување и преживување.

Но сепак, постои некаков поттик да се убиваат другите играчи во Valheim, па неколку играчи поведоа иницијатива за згаснување на таа жед со организирање на турнир преку Twitch. Турнирот е наречен The Viking Legends, а првиот турнир ќе биде пренесуван на Twitch оваа сабота. Правилата се едноставни: два тима од по четири викинзи влегуваат на серверот целосно голи, по што наизменично се обидуваат да си ги срушат базите. Прв кој ќе успее да победи во три меча го добива натпреварот.

Правила

Секој меч стартува со градежна фаза од еден час за секој тим со цел да соберат што е можно повеќе ресурси. Очекувајте оваа фаза да биде нешто подосадна, со оглед на тоа дека повеќето викинзи веројатно само ќе сечат дрва и ќе собираат камења. Исто така, тимовите можат слободно да „скаутнат“ да видат каде се нивните противници за ова време, но не смеат да напаѓаат додека не помине еден час.

Единственото правило за време на градежната фаза е тоа што секој тим мора да изгради по едно легло за секој играч и мораат да бидат веднаш еден покрај друг. Тоа е така бидејќи целта на секој меч е да се уништат леглата на противничкиот тим.

По ова, следува фазата на напад. Еден тим се брани додека другиот напаѓа – доколку оние кои се бранат успеат да ги зачуваат своите легла, тогаш победуваат.

Се чини дека Vikings Legends може да понуди интересна забава, па нема да биде лошо викендов да видиме подобро за што станува збор.