Valorant продолжува да го открива новиот агент Killjoy

Killjoy

Riot на својот официјален сајт по грешка малку порано го најави својот најнов Valorant агент Killjoy. Имено, од Riot го открија насловот Enter Killjoy на врвот од официјалниот веб сајт, заедно со уште неколку детали кои се однесуваат на способностите, заедно со адекватна видео презентација.

Но, веројатно несакајќи да ја признаат својата грешка, или пак сето тоа е само дел од нивната стратегија, тие не сакаа да ги држат фановите во неизвесност, па со нова Twitter објава открија и уште неколку детали и тизер фотки. Оваа грандиозна најава на новиот агент со разни мини објави, открива дека Killjoy всушност е германска хакерка.

Killjoy ќе биде поинаква од останатите агенти

Инаку, кога станува збор за самиот агент, иако не е познат изгледот, познато е дека ќе се користи со некои значително поинакви напади и трикови отколку остатокот од актуелната постава на агенти. Првата стандардна вештина на Killjoy се нарекува Alarmbot и лансира убиствен робот кој ги следи противниците во близина, а при контакт со нив експлодира и привремено ги остава противниците двојно поранливи на секој друг damage. Втората вештина е фрлање на статични топови со агол на прегледност од 180 степени. Третиот скил е Nanoswarm, граната која не експлодира по фрлањето, туку може рачно да се активира во било кој момент.

Ултито на Killjoy е Lockdown, а ако добро го темпира, може да ги зароби сите непријатели фатени во домет на вкупно 8 секунди. Lockdown се иницира со помош на уред кој Killjoy го фрла на земјата, што значи дека непријателите можат да го уништат со цел да го поништат неговото делување.

Иако Riot ја избриша целата страница и целата заедница е во неизвесност, благодарение на овие дискретни најави, веќе може да се претпостави каков агент ќе биде Killjoy. За среќа, нема да мораме да чекаме долго, бидејќи Act II од првата епизода започнува во вторник на 4 август.