Гејмери го тужат Valve бидејќи вештачки ги држат високи цените за PC игрите

Valve PC

Петмина гејмери поднеле тужба против Valve која се однесува на Most Favored Nations клаузулата. Според информациите, тужбата е поднесена поради тоа што компанијата ја злоупотребила својата моќ со цел да ја одржи доминацијата на Steam врз PC пазарот.

Како што пренесува THR, група од петмина гејмери поднеле тужба до федералниот суд во Калифорнија. Во тужбата се наведува дека Valve ја злоупотребува својата моќ барајќи од девелоперите да внесат Most Favored Nations клаузула.

Во тужбата се вели дека „платформата Steam на Valve е доминантна платформа за гејм девелоперите да дистрибуираат и продаваат PC игри во САД. Но, Steam платформата не ја одржува својата доминација преку поповолни цени во однос на ривалските платформи. Наместо тоа, Valve ја злоупотребува моќта на пазарот на платформата барајќи од девелоперите да влезат во Most Favored Nations провизија која е дел од Steam Distribution Agreement каде што гејм девелоперите се согласуваат дека цената на PC играта на Steam платформата ќе биде по иста цена по која гејм девелоперите ги продаваат своите PC игри на останатите платформи“.

Да не е MFN клаузулата, цените на игрите ќе беа пониски

Она што го сугерира оваа тужба е дека Steam не одржувал доминација во пазарот на PC игри поради компетитивните цени, туку ги обврзувал девелоперите да ја прифатат MFN клаузулата. Оваа клаузула креира влезна бариера за останатите платформи и ги принудува другите дигитални продавници да ги одржуваат своите цени високи.

Во тужбата исто така се наведува и дека „MFN клаузулата на Steam исто така ја попречува и иновацијата со создавање на вештачка бариера за влез за платформите. Кога пазарот, како овој, е многу концентриран, секоја евентуална нова компанија може да им биде од корист на потрошувачите со намалување на цените. Способноста да им се понудат на потрошувачите PC игри по пониски цени е еден начин на кој нова компанија може да добие удел на пазарот. Ако овој пазар функционира правилно, односно ако MFN на Steam не постоеше и платформите беа во можност да се натпреваруваат со цените – платформите кои конкурираат на Steam ќе можат да понудат исти или поголеми маржи за развивачите на игри, додека истовремено обезбедуваат пониски цени за потрошувачите“.