Valve подготвува преносна конзола наречена SteamPal

SteamPal

Компанијата Valve се подготвува да навлезе сериозно во светот на конзолите. Поточно, во индустријата на рачен хардвер. Се појавија повеќе референци кои укажуваат на уред наречен SteamPal а е пронајден во најновиот апдејт на компанијата, по што се појавија шпекулации дека Valve работи на преносна или рачна конзола.

Павел Дјуник, основачот на страницата „SteamDB“, која ја следи базата на податоци на Steam, успеа да забележи неколку референци во кодот на последната бета верзија на Steam клиентот кои упатуваат на тоа дека Valve би можел да работи на новата конзола. Се уште не е сосема јасно за што всушност станува збор, но проектот под кодно име Neptune наводно би можел да биде ново парче хардвер од Valve.

Во целата база на информации за SteamPal се споменува и поддршка за WiFi и Bluetooth, потоа „ерплејн мод“, што лесно би можело да значи дека Valve работи на некаков вид преносен уред за играње игри на Steam. Исто така, се споменува дека би можеле да се користат опции за гаснење, рестартирање или суспендирање на составот.

Секако, кога во контекст на PC игри ќе се спомене преносен уред за гејминг, многумина автоматски помислуваат на лаптопи, евентуално на таблети. Меѓутоа во последно време се води жестока битка кој ќе направи комплетно функционален PC за играње игри во помал формат налик на Nintendo Switch. Големи се шансите Valve да се обиде да го покрие тој сегмент од пазарот, со оглед на тоа дека таму се уште нема изразен владетел.