Враќање во детството: Пристигнува нова Metal Slug игра

Metal Slug

Кинеската корпорација Tencent одлучи да си поигра со нашата носталгија и да не врати во детството, најавувајќи ја играта Metal Slug: Code J.

Додека со нетрпение ја исчекуваме најавата за новата Mеtal Slug игра која се уште е во развој за играчките конзоли, во меѓувреме имаме шанса да ги задоволиме нашите апетити за мобилна верзија на Metal Slug. Издавачката куќа SNK склопи партнерство со корпорацијата Tencent, а резултатот е Metal Slug Code: J за iOS и Android уреди.

Голем број Mеtal Slug игри веќе се достапни за мобилните уреди, но сепак станува збор за поинакви адаптации. Сега, SNK одлучи да ја оживее серијата со целосно нова игра. Официјално, новата Metal Slug игра се уште нема име, барем не официјално. Metal Slug Code: J всушност претставува кодно име за играта која е во развој.

Играта ја развива TiMi Studios кои се во сопственост на Tencent, а момците ветуваат верна реинкарнација на стариот класик со кој израснавме сите. Старите ликови се враќаат во играта, заедно со тешката артилерија и класичниот аркаден gameplay. Останува само да се види каде во целата приказна ќе бидат вметнати и микротрансакциите. Играта и понатаму делува онака како што треба – со 2D изведба, препознатливата естетика и ненормална количина на пукотници.

Играта има унапредена графика со многу поголема резолуција и деталност во однос на старите игри. SNK официјално ја најави играта на Twitter и на YouTube каналот, но се уште нема никакви детали околу датумот на објавување. На крајот од најавниот трејлер се порачува дека датумот на објавување ќе биде дополнително одреден. Затоа, засега немаме шанси да претпоставиме дали играта ќе биде објавена до крајот на годината или можеби 2021 и подоцна. SNK и TiMi Studios најавија споделување на повеќе детали подоцна. Во меѓувреме, погледнете го најавниот трејлер.