Xbox Game Pass пристигнува на паметните телевизори, конзола воопшто нема да ви треба

Xbox Game Pass

Microsoft потврди дека ќе продолжи да го развива Xbox Game Pass што е можно подостапен за клиентите. Во следните година дена, компанијата ќе го донесе својот претплатнички сервис на повеќе екрани од било кога претходно, со што ќе им даде шанса на гејмерите да пристапат до голема библиотека на игри без притоа да имаат потреба од Xbox конзола.

Xbox Game Pass за прв пат беше лансиран на Xbox One, пред да пристигне на PC и Xbox Series X/S. Од Microsoft воопшто не кријат дека нивната долгорочна цел е да ги направи игрите достапни за што е можно повеќе луѓе, а тоа јасно го покажува со секој потег кој го прави во изминатите месеци.

Microsoft лазираше и „клауд“ верзија на Game Pass минатата година со која мобилните уреди ги направи практично во преносни гејминг машини, што е огромен чекор што одеднаш значеше дека игрите како Halo: The Master Chief Collection и Forza Horizon 4 можат да се играат на вашиот мобилен телефон или таблет доколку имате доволно добра интернет конекција.

Пристап за повеќе играчи

Но, во секој случај, Microsoft сега прави нов важен чекор за Game Pass. Имено, оваа услуга пристигнува на паметните телевизори. Ова значи дека се додека имате телевизор поврзан со интернет и претплата, ќе можете да ги играте најновите Xbox ексклузиви, плус сите нови Bethesda игри.

Оваа вест пристигнува како дел од медиа брифингот на Microsoft во пресрет на E3 саемот, каде што компанијата се осврна на своите планови за иднината на Game Pass. „Xbox работи со глобалните ТВ производители за да го вгради Xbox искуството директно во телевизорите кои имаат опција за поврзување со интернет, без да ви е потребен дополнителен хардвер, освен контролер“, стои во соопштението на компанијата.

Microsoft исто така потврди дека соработува со телекомуникациските провајдери за нов модел на купување како Xbox All Access, кој ќе им овозможи на купувачите да купуваат и конзола и Game Pass за мала месечна сума, наместо да ги потрошат сите пари одеднаш.