Еве зошто FIFA 22 ќе биде многу погрда на PC отколку на конзолите

FIFA 22

FIFA 22 на PC нема да има преку 4.000 нови анимации како на верзиите за PlayStation 5 и Xbox Series X/S конзолите, како ни подетални модели од фудбалерите. Тоа веќе е стара вест и за EA Sports не е првиот таков случај, но оправдувањата зад таквата одлука отсекогаш биле контрадикторни, што никогаш не е досадно да се слушаат одново, и одново, и одново…

Поради тоа, порталот PC Gamer ги запраша претставниците на EA Sports да ги наведат причините поради кои одлучија да ги „дискриминираат“ PC играчите и да ги ускратат за нешто пораскошна презентација на играта. Од EA Sports го дадоа следниов одговор:

„Доведувањето на HyperMotion технологијата на PC би ги подигнало минималните хардверски побарувања и би придонело кон тоа голем дел од PC играчите да не можат да ја покренат играта. Тоа значително би влијаело на нашата заедница на PC играчи кои ужваат во FIFA игрите секоја година, многумина би останале присилени да го надоградат својот PC за да можат да ја заиграат играта“, стои во објаснувањето.

Нешто од ова дефинитивно е вистинито, но од друга страна баш и не е. EA Sports на играчите на PC може да им „подметне“ инфериорна верзија на FIFA 22 од причина што PC како сегмент на пазарот во случајот со FIFA серијалот не им е многу важен. FIFA во најголем дел се купува и се игра на конзоли.

За споредба, престојниот Battlefield 2042 ќе биде визуелно и технички ист на PC и на новите конзоли – значи во тој случај хардверските побарувања не се пречка. А со оглед на фактот дека Battlefield како серијал кој потекнува на PC сепак има значителен удел на публика на PC, ЕА не би се осмелила да го направи истиот потег како со FIFA бидејќи тогаш ќе има финансиски удар на продажниот резултат на играта.